Печати

Младите Охриѓани кои се иселени во Скопје, но и надвор од границите на нашата држава, како причини за заминувањето од родниот град  ги наведуваат: неможноста за вработување според професијата, малите плати, економските и социјалните причини, како и ниските примања кои не овозможуваат нормален и достоинствен живот. 

Иселените од Македонија, најчесто заминуваат во Германија, Холандија, Србија, Австралија, Америка или во Англија. Испитаниците заминале од Охрид поради подобро платена работа, како и школување. Дел од нив за жал, заминале и поради тоа што не можат да се лекуваат, поради спецификите на болестите, за кои државата не е во можност да ги исполни.  Некои заминале како придружба на брачниот партнер, но и кога заминале многу брзо го решиле проблемот со вработување. Не е мал бројот и на оние кои  како причината за иселувањето го  наведуваат полесниот начин да се реши станбеното прашање за кратко време, но и можноста да се најде добро платена работа која дава големи можности за подобар живот.

Повеќето од испитаниците велат дека не би се вратиле да живеат во Охрид, освен ако драстично не се променат условите за живеење. Би дошле на одмор, да се видат со фамилиите, или евентуално одкако ќе станат пензионери, би се вратиле тука мирно да ги живеат пензионерските денови. Инаку, претежно станува збор за лица со високо образование.

Мал дел од анкетираните граѓани кои основале семејство и живеат во Охрид, останале тука поради семејството, убавините на градот, чистиот воздух, езерото и спокојот. Оние кои се во Охрид и кои не би го напуштиле, претежно се вработени во јавните претптијатија, кои се најголеми работодавачи во Охрид.

Градоначалникот на општина Охрид, Никола Бакрачески, вели дека Охрид е град со најголема невработеност во Македонија и таа изнесува 10%  повеќе од просекот во Македонија. Она што Бакрачески го наследил од минатата локална власт-како што самиот вели, е превработеноста  во општината и во јавните претпријатија, која според процентите е 5% до 7% поголема од стандардите за ангажирање и вработување во јавната администрација и во јавните претпријатија, кои се основани од локалната самоуправа. Бакрачески потенцира дека невработеноста во Охрид достигнува и до 40 %, а за 22% е помал од БДП по глава на жител од просекот во државата.

И Амбасадорот на Република Македонија, во Европската Унија, Александар Николовски, вели дека најмасовно е иселувањето во Охрид, но го споменува фактот дека Владата мошне сериозно работи на ова прашање во континуитет, со тоа што ги реализира проектите за отварање на нови работни места. Како пример дека и Охрид е дел од владината програма за намалување на невработеноста, а со тоа и задржување на младите во општината, ги наведува странските инвестиции на ,,ОДВ Електрик,, и ,,КОСТАЛ,, во кои се вработени млади кадри, и дека се очекува нивната бројка да се зголемува.

Наспроти ваквите размислувања, проф. Др. Јован Стојаноски, од Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, иселувањето го гледа како квантитативен показател за тоа што ни се случува во општината, но и во државата. Според него, никој не би се иселувал од едно место на друго, ако има економски, социјални и други услови за живеење. Како причина за тоа, Стојаноски го наведува фактот што во Охрид нема реални поголеми инвестиции, освен оние на ,,ОДВ Електрик,, и ,,КОСТАЛ,, и потенцира дека од туризам сеуште не може да се живее затоа што сезоната е многу кратка. Стојаноски смета дека треба да се почитуваат правилата во економијата, според кои треба да се повикуваме на работната сила, бидејки таа ја движи економијата напред. Со ваквиот тренд на иселување, Охрид ќе стане град без млади луѓе, ќе се изгуби и квантитетот, но и квалитетот за развој на градот, а тоа ќе делува и на промената на негативните демографски процеси-додава тој.

И Васви Доко, Универзитетски професор и Претседател на огранокот на ДПА во Охрид, зборува за една друга димензија поврзана со иселувањето, а тоа е дека се менува и демографската структура. Според Доко, јавна тајна е дека голем дел од младите охриѓани живеат и работат ,,на црно,, во странство, а се уште не се одјавени од живеалиштата во кои живеат . Според него Охрид кој пред десетина години имал помеѓу 50.000 и 60.000 жители, според последните неофицијални податоци сега има нешто повеќе од 35.000 жители, а загружувачки е феноменот на масовното иселување во западно европските земји но и во преку океанските. Како причини за иселувањето ги наведува политичката и економската ситуација во градот, а и во државата воопшто, како и настаните кои континуирано се случуваат, а создаваат клима на разочараност  и неможност  младите да го искажат својот професионален потенцијал.

Јоне Станкоски, професор во основното училиште ,,Живко Чинго,, од с. Велгошти, Охридско, алармира дека иселувањето надвор од државата доведува и до перманентно намалување на бројот на ученици. Според него немање на нови инвестиции е проблем кој доведува до иселување, затоа што младите немаат каде да се реализираат професионално. Станкоски укажува на фактот дека најголемиот дел од вработените се оние во администрацијата, мал дел во приватниот сектор, а повеќето се без работа, или пак веќе ја напуштиле државата.

Социологот и добар познавач на демографските политики, професорот Илија Ацески е уверен дека трендот на иселување од Охрид ќе продолжи и понатаму, и предупредува дека Охрид може да се соочи со процес на промена на демографската структура во иднина. Професорот Ацески вели дека загрижува фактот што се иселуваат млади луѓе, оние што само што ќе влезат во животот, веднаш се пред психолошко отрезнување дека вистинскиот живот не е тука. Охрид живее само неколку месеци од туризмот, а останатите месеци е празен. Промената на демографската структура за Професор Ацески е драматична. Со овој тренд, за 20 години 50% од луѓето во Охрид ќе имаат над 60 години, а прашање е колкав ќе биде бројот на млади луѓе. Според Ацески иако во градот доаѓаат луѓе од различни страни на светот, можеби таа отвореност во психолошка смисла создава перспектива дека добриот живот е некаде на друго место. Да се живее од туризам, тоа значи да му се служи некому, а за Охриѓани тоа не е ствојствено, вели Ацески.

И од Младински совет од Охрид, кој спроведува низа активности за вклучување на младите во секојдневните општествени процеси, велат дека се загрижени поради трендот на иселување од градот. Иселувањето е глобален проблем со кој се среќаваат голем број земји кои се долг период во транзиција. Оваа појава е евидентна и во Република Македонија, во последните неколку години. Секако и Општина Охрид не остана имуна на овој негативен тренд, што го стави градот на највисокото место по број на иселени млади лица.

-Се трудиме да ги едуцираме младите и да ги поттикнеме да останат во градот и во државата, вели Димче Каневче, претседател на Младинскиот совет Охрид. Каневче вели дека работат на неколку програми со кои ги третираат младите од Охрид, Ресен и Струга. Се организираат посети на институции и организации, се организираат денови на отворени врати, дебати со фокус групи и тркалезни маси, а сè со цел да се запознаат институциите и да се воспостави подобра комуникација на младите со институциите. Тој смета дека е неопходен организиран и стратешки пристап за надминување на проблемот со иселувањето.

Проблемот е лоциран, алармот е вклучен. Локалната и централната власт се на потег.

 

Информациите се добиени од група на 30 луѓе кои се иселени во Скопје и надвор од Република Македонија со кои на телефон или преку социјалните мрежи е разговарано за темата.

 

Информациите дадени од одредени авторитети се превземени од новинарите Мики Трајковски и Весна Баштованска, кои во изминатиот период работеле на оваа проблематика. 

Анализата е изработена од Младинскиот совет од Охрид.

Содржината на оваа анализа е одговорност на МОСТ и не ги одразува секогаш погледите и ставовите на донаторите