Печати

Поволната клима и почва во тиквешкиот регион е главниот фактор за развивањето на лозарството во овој крај. Соодветните климатски услови во овој регион придонесуваат за производство на квалитетно грозје со голем број на шеќерни единици.

Според податоците добиени од Државниот завод за статистика, во Тиквешијата се регистрирани 9.291 хектари под лозови насади, а додека на национално ниво 20.164 хектари, односно во овој регион се лоцирани 46% од засадените површини на национално ниво.

Просечното производство на грозје на национално ниво изнесува 250.000 тони од кои 24% е трпезно грозје, а остатокот е винско грозје.

Трпезното грозје е извозно ориентирано и претежно се извезува во Србија и Русија, а пак најголемата количина на винското грозје се откупува и преработува во домашните капацитети. Предадените количини во домашните винарски визби беа субвенционирани со 2 денари по предаден килограм винско грозје, а пак извезените количини никогаш не биле субвенционирани. Од субвенциите до овој момент сè уште е на сила субвенцијата на засадени површини под винова лоза и тоа 40 илјади денари за хектар. Од извршените интервјуа со лозарите на терен, најизразено е незадоволството од нереалното доделување под концесија на државно земјоделско земјиште кое, според нив, е злоупотребувано за примање на субвенции од страна на концесионерите. Тие исто така реагираат на откупната цена на винското грозје, која за последната реколта од 2014 година изнесувала 11 ден/кг за смедеревката и 13 ден/кг за вранецот. Според нив значително им се зголемени производствените трошоци и со досегашните откупни цени се на границата на рентабилност.  

За многу домаќинства во тиквешкиот крај, лозарството претставува основен или дополнителен извор на приходи. Поради овие факти, посветеноста на државата и компетентните народни избраници кон оваа гранка и луѓето кои егзистираат од неа, е клучна од економски аспект во секоја смисла. Проблемите во лозарството и откупот на грозје, повеќе години претставува рак-рана за лозарите. 

Релацијата лозари-винарски визби-Влада години наназад не функционира. Секогаш на почетокот на годината постои неизвесност околу цените на грозјето, за потоа пред самиот почеток на бербата од визбите се добиваат многу ниски цени на грозјето кои неможат да ги покријат ниту основните репроматеријални трошкови за производство. Станува јасно дека визбите се заштитени од власта, па затоа држат монополски позиции и прават што сакаат со цените на грозјето. Добар дел од нив засадија и огромни плантажи од винова лоза во своја сопственост (нешто што никаде во светот го нема), со што ги зајакнаа своите позиции и добивањето на екстра профити за сметка на лозарите. Власта пак, немо кумува на сето тоа и уште полицемерно носи низа однапред промашени мерки како.

Постои реален проблем со овогодинешниот откуп на грозје. Во екот на бербата. Владата донесе закон откупните пунктови (извозници) мораат да откупуваат за една винарија или една вага за една винарија. Со ова, се створи револт во откупните пунктови, бидејќи беа обврзани да мора да го почитуваат законот, а визбите истовремено да откупат двојно помалку од лани. Со тоа голем дел од лозарите останаа со нерешен проблем, добар дел од нивното грозје скапа по нивите, а оние кои имаат услови го оставија за ракија. Откако се створија овие проблеми, владата донесе мерка за субвенционирање на визбите со 3 денари за вранецот и 2 денари за смедеревката. Истата мерка се покажа неуспешна, а лозарите беа изманипулирани.

Винскиот туризам исто така е сегмент кои треба да се негува и развива, додека пак традицијата на производство на гроздовиот мед - Маџун отвора нови перспективи за лозарите, со оглед на тоа што тој е премногу баран на светскиот пазар и се користи како ефикасен лек за доста болести. 

Анализата е изработена од Горан Велковски, од невладината Медијатор

Содржината на оваа анализа е одговорност на МОСТ и не ги одразува секогаш погледите и ставовите на донаторите