Општина Свети Николе го зафаќа најголемиот простор на областа Овче Поле кое му припаѓа на сливoт на Светиниколската река или Азмак, десна притока на Брегалница.

По својата конфигурација и географската поставеност е изложена на континентални и медитерански климатски влијанија. За климата во Овчеполската котлина од големо значење е нејзината отвореност од сите страни, која влијае на извесни климатски појави, а најповеќе на ветровите. Најниската просечна месечна температура е во текот на јануари или почетокот на февруари, и најчесто изнесува од -2 до 2° Ц, а највисоката просечна месечна температура е во јули и изнесува 25° Ц. Просечната годишна количина врнежи изнесува 468мм/м2. 

На реката Мавровица во местото Алин дол изградена е акумулација со површина од 7км2 и со зафатнина од 2.700.000м2. Акумулацијата се користи за водоснабдување на Свети Николе. 

Овчеполието е познат земјоделско – сточарски регион. Луѓето од овај крај од секогаш се занимавале со земјоделство, бидејќи регионот изобилува со почва од повеќе класи, со посебна внатрешна вредност – бонитет, голем број на сончеви денови и систем за наводнување кој покрива 8000 ха обработлива површина . Со тоа се исполнети условите за одгледување на житни, индустриски и градинарски култури. Економското значење на земјоделството може да се види од неговото 38,8 %  учество во структурата на општествениот производ во општината, што претставува стратешки фактор за развој на целокупниот стопански живот.

Според податоците од Државниот Завод за Статистика (ДЗС), општина Свети Николе располага со вкупна површина од 11481 ха земјоделско земјиште, од кое 9882ха е обработлива површина. Од вкупната обработлива површина, 8796ха се под ораници и бавчи, 34 се под овошни насади, 581ха се под лозови насади и 481ха се под ливади.

Поледелството како главна и основна гранка на земјоделството е најзастапена во свети Николе. Со оглед на земјишната структура и климатските погодности Овчеполскиот регион претставува идеален терен за одгледување на голем број поледелски култури. Од вкупната површина обработливо земјиште, наводнувањето се врши преку хидромелиоративниот систем Калиманци на околу 7700ха.

Од поледелски култури, најзастапени се житните култури и тоа: пченица, јачмен и пченка.

Според податоците од ДЗС на Р. Македонија, во 2012 год во реонот на општина свети Николе засадени се 338ха со пченка, а добиениот принос изнесува 376т, односно 1113кг/ха. Во 2013 год. 341ха се засадени со пченка, а вкупниот принос изнесува 618т, односно 1812кг/ха. Во 2014 година, под пченка се 263ха. Вкупниот принос изнесува 579т, а просечниот принос по хектар е 2200кг.

Како што може да се забележи, во Свети Николе просечниот принос по килограм на хектар е многу мал. Само за споредба, во 2014год  во општина Битола просечниот принос по хектар изнесува 6397кг/ха, во општина Могила изнесува 4329кг/ха, а во општина Новаци 5509кг/ха.

Зголемувањето на производството на пченка може да се постигне со примена на нови технологии и примената на современи земјоделски практики, како и употреба на високоприносни хибридни сорти, но  многу значаен момент за висок принос на пченката е наводнувањето. Имено, пченката е култура која што има голема потреба од вода и тоа во фазите на интензивно растење, цветање, оплодување и налевање на зрното. Затоа наводнувањето е една од најважните мерки за добивање на високи приноси. Бројот на наводнувањата и заливните норми зависат од количината на врнежи и фазата на развој на пченката. Капковото наводнување дава најголеми резултати затоа што заедно со наводнувањето може да се врши и прихраната на растението.

Веќе две години, во Пелагонија и Полог се спроведува проектот на УСАИД “Да произведуваме повеќе пченка”, преку кој одреден број на земјоделци, произведувачи на пченка користат нови технологии и систем капка по капка за наводнување. Резултатите се повеќе од одлични. Просечните приноси од сезона кај нив се 11,4т/ха, што е за неколку пати повеќе од просечниот принос на пченка во земјава кој изнесува 4,3т. Доколку производителите на пченка ги користат овие искуства и спроведат нови технологии и капков систем на наводнување, производството може многу да се зголеми. Зголеменото производство на пченка, ќе придонесе за развој и на сточарството во овој крај и заштеда на средства за набавка на истата, затоа што пченката претставува основна компонента во исхраната на домашните животни, а во моментот таа не се произведува доволно за да ги покрие домашните потреби, па мора да се увезува.

Со цел да се стимулираат производителите на пченка да ја наводнуваат пченката користејки систем капка по капка, со што производителите ќе си ја олеснат работата од една страна, и ќе го зголемат своето производство од друга страна, Владата на Република Македонија, преку Програмата за Рурален развој, преку мерката 121.4 – Набавка на опрема за систем капка по капка за пченка, сончоглед и фуражни култури и бунари за наводнување, ги покрива направените трошоци за набавка на истиот по принцип на ко-финансирање на завршени и исплатени инвестиции од страна на корисникот во висина од 50% од вредноста на одобрени прифатливи трошоци за инвестиции.

Критериум за аплицирање по оваа мерка од Програмата за Рурален развој е барателот да поседува минимум 2ха, а максимум 10ха производство со пченка и/или фуражни култури заведено во производствениот план на земјоделското стопанство за тековната година.

Исто така, преку директни плаќања, производството на пченка се субвенционира преку мерката 1.1 со 12.000,00 дена/ха со употребени најмалку 15кг/ха семе, со задолжителна употреба на сертифициран семенски материјал, или со 8.000,00 ден/ха без задолжителна употреба на сертифициран семенски материјал.

Според Националната стратегија за земјоделство и рурален развој, зголемено домашно производство на добиточна храна, особено производство од страна на самите одгледувачи на добиток, е предуслов за конкурентно сточарско производство. Големината на сегашната површина со пченка е доволна да ги покрие домашните потреби доколку просечните приноси се зголемат за околу една половина преку употреба на високопродуктивни хибриди и воведување на нови технологии на производство, пред се во делот на ефикасното наводнување. Во таа насока ќе се воведат специјални мерки за поддршка придружени со советодавен пакет за адаптирање на напредните технологии. Поддршка со повисоки износи во однос на основните плаќања по површина за поледелските култури ќе се обезбеди за производство на добиточна храна, и за основен и сертифициран семенски материјал за житните култури.

Анализата е изработена од Теодора Поп Трајков

Податоците се превземени од Државниот завод за статистика

Содржината на оваа анализа е одговорност на МОСТ и не ги одразува секогаш погледите и ставовите на донаторите

Share
Scroll to top