Во текот на последната декада забележани се брзи промени во миграциските текови во, од и преку земјите од Западен Балкан. Регуларната миграција е многу важна за социо- економскиот и демографски развој на државата; сепак, и нерегуларната миграција заслужува посебно внимание од страна на надлежните органи. Се работи за прашање кое е важно од аспект на државната и личната безбедност и најчесто е поврзано со сериозен и организиран криминал и повреда на човековите права.

Илегалната миграција обично е поврзана со илегален влез во државата, дефиниран како “преминување на границите на начин кој не е во согласност со потребните услови за легален влез во државата на прием”.

Нерегуларната миграција е поширок концепт кој вклучува нерегулиран престој на други категории кои не се предмет на оваа анализа, како што се странците кои имале легален влез но го изгубиле регуларниот статус поради одредени околности како истечена виза или пасош, или “туристи” ангажирани во сивата економија итн.

Државната стратегија ги проучува и трендовите во барањето азил во Македонија. Во овој контекст, “барател на азил” е странец кој бара заштита од Република Македонија и поднел барање за признавање на правото на азил, за кое не е донесена конечна одлука, во постапката за признавање право на азил. Честопати постои силна врска помеѓу трендовите на илегална миграција и барање азил. Треба да се забележи дека во моментот кога лицето поднесува барање за азил, веќе не може да се смета за илегален мигрант. Доколку земјата одлучи да го прифати барањето, лицето станува бегалец или лице под супсидијарна заштита, зависно од случајот и во согласност со Конвенцијата за статусот на бегалците од 1951 на УНХЦР.

Воведувањето на безвизниот режим во 2009 г. доведе до значаен пораст на протокот на луѓе од и преку земјите од Западен Балкан кон земјите- членки на Европската Унија. Покрај зголемената фреквенција на патници од бизнис и туристички причини, се зголеми и бројот на илегални преминувања на државната граница и злоупотреба на правото на барање азил.

Фактори кои призлегуваат од илегалната миграција

Закана за личната безбедност

 Ризик по животот на мигрантот

 Здравствени ризици

 Станување жртва на трговија со луѓе

 Повреда на човековите права

 Социјална безбедност

Закана за националната безбедност

 Повреда на суверенитетот

 Ризици за јавниот ред

 Криминал

 Социјална кохезија

 

Македонија како дел од Западен Балкан претставува извор на илегална миграција, но исто така е и транзитна рута за мигранти кои сакаат да стигнат до земјите- членки на ЕУ. Политичките ситуации во другите земји влијаат секојдневно на шемата на илегална миграција. Поради лошите животни услови и безбедносните ризици, голем број луѓе се принудени да ги напуштат своите земји во потрага по подобар живот. После војната во Авганистан и револуционерниот бран во Арапскиот свет т.е. Арапските протести, бројот на илегални гранични преминувања и бројот на баратели на азил во земјите од Западен Балкан бележи пораст. Приливот на мигранти се должи воглавно на безвизниот режим што Турција го има со соседните земји како и зголемениот број на авионски поврзувања, кои им овозможуваат на мигрантите кои имаат фалсификувани документи брз пристап до земјите членки на ЕУ.

Сепак, Македонија не е нивна крајна целна дестинација, туку земја на транзит како дел од Балканската рута. Откако мигрантите ќе ја преминат турско- грчката граница, се обидуваат да ја напуштат Грција по копнен, воден или воздушен пат. Традиционалната Балканска рута се однесува на оние мигранти кои се обидуваат да ја напуштат Грција по пат на копно; влегуваат во Македонија, продолжуваат кон Србија со цел да стигнат до Унгарија каде влегуваат во Шенген зоната. Истражувањето покажа дека македонските надлежни органи треба да направат поголеми напори при откривањето илегални мигранти бидејќи нивната бројка е многу поголема од официјалната статистика.

Правната рамка за справување со илегалната миграција е усогласена со законодавството на ЕУ и со релевантните меѓународни стандарди. Проблеми настануваат при нејзиното спроведување како што се тешкотии да се утврди идентитетот на мигрантите, проблематично спроведување на договорите за реадмисија поради објективни фактори (соработка со земјите каде мигрантите се враќаат, финансиски ресурси итн.) и субјективни фактори (недостиг на мотивација). Дополнително, постои висок ризик од злоупотреба на правото на барање азил. Постои можност голем број мигранти да поднесат барање за азил само за да избегнат да бидат притворени во Прифатниот центар за странци и успеваат да се сместат во Прифатниот центар за баратели на азил кој е од отворен тип и лицата кои се сместени можат релативно лесно да го напуштат. Во пракса, многу од барателите на азил го напуштаат Прифатниот центар за азиланти кон непозната насока, без да ја чекаат конечната одлука за признавање или одбивање на нивното барање. Отсуството на документи за идентификација кај мигрантите и активностите кои не се доволно координирани помеѓу државите носи ризици дека истата ситуација може да се повторува и во друга држава низ која поминуваат на патот кон нивната посакувана дестинација. Од друга страна, македонските надлежни органи обично не ги прифаќаат тврдењата на барателите на азил како основани што покренува грижи за спроведените постапки и можните причини за вака ниските стапки на доделен азил.

Илегалната миграција е комплексен феномен и потребен е регионален пристап. Македонија е вклучена во сите регионални иницијативи кои се занимаваат со ова прашање, но треба да се направат уште многу работи. На земјите од Западен Балкан им е потребна поддршка од меѓународната заедница, особено од Европската Унија со цел да се зајакнат нивните капацитети за превенција, откривање и справување со илегалната миграција. Ако се има во предвид дека Западниот Балкан не е нивна крајна цел, туку зона на транзит, надлежните институции може да го немаат истото ниво на мотивација да откриваат илегални мигранти бидејќи тоа чини многу па понекогаш преферираат “да прогледаат низ прсти”. Во најдобар интерес на земјите- членки на ЕУ е да обезбедат поддршка на земјите од Западен Балкан и да ги спречат обидите на мигрантите да стигнат до побогатите земји- членки на ЕУ.

Според МВР на Р Македонија, бројот на откриени илегални преминувања на македонската граница бил 1415 во 2009, 1103 во 2010, 469 во 2011 и 682 во 2012. Постои значителен пораст на мигранти кои доаѓаат од региони кои претходно не биле забележани во така големи бранови, главно од земјите од Западна и Северна Африка, Јужно- централна и Западна Азија и Средниот Исток. Дополнително, имало и државјани на Србија, Косово, Грција, Обединетото Кралство, Кина итн.

Во 2013 година откриени се вкупно 1132 илегални мигранти,што е за 66% повеќе од 2012 година (682). Од нив, 1084 се странски државјани додека 46 (78) се македонски државјани откриени во обид илегално да ја напуштат територијата на Македонија. Како и во изминатите години, најголем број од откриените илегални мигранти –странски државјани се по потекло од Албанија – 400, кои во најголем дел од економски причини илегално престојуваа и работеа во Република Македонија во сезоната на земјоделски и градежни работи, сепак процентот на откриените е намален во однос на претходната година 36,83% (54,30%). Од друга страна, значително расте бројот на откриени илегални мигранти од Блискиот и Среден Исток како и Северна Африка.

Очекувано, најголем број на илегални минувања на државната граница се регистрирани на делот кон Р. Грција -551 (48,67%), потоа кон Албанија -192 (16,96%), Србија -140 (12,37%), Бугарија -134 (11,84%) и Косово –115 (10,16%).

 

Во однос на претходната година, во 2013 намален е бројот на регистрирани илегални минувања на делот од државната граница кон Косово (-36%) и Србија (-10%), додека значително е зголемен бројот на делот од државната граница кон Грција (232%) и особено кон Бугарија, каде се регистрирани 134 илегални минувања во споредба со само 4 случаи во 2012 година.

Наглото зголемување на бројот на откриени обиди за илегален влез во Република Македонија од Р. Бугарија е и најкарактеристичната промена во трендовите во 2013 година, заедно со појавата на илегални мигранти –државјани на Сирија (116), што не беше случај во претходните години.

И понатаму главна насока на движење на мигрантите е југ–север. Во најголемиот број случаи остваруваат илегален влез во Република Македонија на македонско –грчката граница по што најчесто во групи се упатуваат кон македонско –српската граница, користејќи такси возила, комбиња или јавен превоз. Се сместуваат во непосредна близина на границата и во погоден момент прават обид илегално да ја минати да го продолжат патувањето кон некоја од земјите на ЕУ.

За една година, бројот на откриени илегални мигранти од Африка и Азија е зголемен за 172%. Ваквиот развој на настаните беше предвиден и очекуван, и беа преземени неопходни мерки во согласност со извршените анализи. Навремената и правилна идентификација на критичните точки и на промените во „modusoperandum“ резултираа со повеќекратно зголемување на бројот на откриени илегалните мигранти.

Сепак, бројките на регионално ниво се позагрижувачки отколку оние на национално ниво. Според Годишната анализа на ризик за Западен Балкан на ФРОНТЕКС за 2013 год., се гледа дека регионот на Западен Балкан добива сè поголемо значење како зона на транзит за секундарни движења – во 2012 год. забележани се 8065 лица од Авганистан (споредено со 2498 во 2010 год.), 5033 од Пакистан (202), 3029 од Алжир (217), 2000 од Сомалија (375)10 итн.

 

Доколку се анализира приказот на приложената мапа лесно може да се заклучи дека бројот на детектирани илегални преминувања од страна на српските гранични органи и неколку пати поголем за разлика на детектираните преминувања во Македонија.

Очигледно е дека голем број на илегални мигранти незабележано преминале на територијата на Р Македонија и Р Грција. Тоа се должи на поддршката што мигрантите ја имаат од криминални групи кои за парична надокнада им обезбедуваат транспорт и сместување на мигрантите. Од објавите на експертската јавност детектиравме листа на препораки, кои би дале позитивни влијанија во борбата со илегалната миграција.

Анализата е изработена од Теодора Поп Трајков

Податоците се превземени од Државниот завод за статистика

Содржината на оваа анализа е одговорност на МОСТ и не ги одразува секогаш погледите и ставовите на донаторите

Share
Scroll to top