Печати

Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, во 2015 година, во рамките на структурните деловни статистики се анализирани 54 431 деловен субјект со 368 067 вработени лица, во кои е остварен вкупен промет од 1 064 967 милиони денари и e создадена додадена вредност од 227 704 милиони денари.

Во однос на претходната година, прометот е зголемен за 5.2%, а додадената вредност за 6.8%. Во просек, новосоздадената вредност по вработен во 2015 година изнесува 618 илјади денари, додека најголема додадена вредност по вработен е создадена во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација (2027 илјади денари).

Најголем број од претпријатијата припаѓаат на секторот Трговија на големо и на мало (41.8%), со 25.5% од вкупниот број на вработени и реализирани 42.4% од вкупниот промет. Како втор по значење, секторот Преработувачка индустрија учествува сo 13.5% од претпријатијата, 30.3% од вработените и 26.1% од вкупниот промет.

Во вкупната додадена вредност, пресметана според факторот на трошок, најголемо учество имаат претпријатијата од секторот Преработувачка индустрија (25.9%) и секторот Трговија на големо и на мало (23.5%).

Во однос на големината, во 2015 година преовладуваат микропретпријатијата со помалку од 10 вработени (90.5%). Со ангажирани 32.5% од вкупно вработените, тие имаат создадено 22.0% од вкупната додадена вредност. Од друга страна, во големите претпријатија (0.3%) се ангажирани 25.8% од вкупниот број на вработени, со остварени 35.3% од вкупната додадена вредност во рамките на деловниот сектор.

Извор: Државен завод за статистика