Печати

Оптимистички тренд забележа статистика во поглед на браковите во земајва. Според податоците на Државниот завод за статистика лани во Македонија биле склучени 14.186 илјади бракови што споредено со бројот на склучените бракови во текот на минатата 2014 година е зголемен за 2,7 отсто и е забележано намалување на бројот на разводите.

Според статистиката бројот на разводите во 2015 година бележи намалување од 0,5 отсто во споредба со 2014 година и изнесува 2 200 разведени бракови. Најмалку бракови, 74 или 3,4 отсто во текот на годината се разведени во август, а најмногу, 205 или 10,5 отсто, во декември. Според траењето на бракот, најголем број разводи – 498, се случиле од пет до девет години по склучувањето на бракот.

„Стапката на диворцијалитет, која го покажува соодносот меѓу бројот на разведените бракови во текот на една година и бројот на населението на средината на истата година пресметана на 1.000 население, исто така, за минатата 2015-та,изнесува 1,1 разведени бракови на илјада жители“, известуваат од Државниот заводот за статистика.

Од Државниот завод за статистика објаснија дека мажите почесто стапуваат во брак.

„Најчесто е стапувањето во прв брак со учество од 92,6 проценти за жените и 91,2 отсто за мажите. Во втор брак, со учество од 8,1 отсто и во трет брак, со учество 0,7 проценти, во вкупниот број склучени бракови, почесто стапуваат мажите“

Просечната возраст при склучување прв брак е 26,2 години за невестата и 29,0 години за младоженецот.

“За еден брак, според досегашните социолошки мерења, најкрични години се сметаат првите три, а потоа следната “брачна криза“ е на седмата година. Дури по овој период следува постабилен брак, во кој генерлано се смета дека има надминување на проблемите. Но, одржливоста на бракот, од социолошки аспект е детерминирана од повеќе фактори. За брачните партнери важна е психолошката состојба, економскиот статус и секако условите за достоинствен живот“ објасуваат социолозите.

Здружението Рома - СОС Прилеп, денеска во Скопје ги презентираше податоците објавени во анализата „Детски бракови: од љубов до груба повреда на човековите права“. Според нивната анализа пак, најголем број од девојчињата (42) што рано се мажат се на возраст од 14 до 15 години. На возраст од 12 до 13 години се омажиле 16 девојчиња, а на 17 години седум девојчиња.

„Државниот завод за статистика во периодот 2011-2014 година бележи тенденција на намалување на формални бракови меѓу лицата под 20 години, но на терен има зголемување на бројот на неформални бракови. Само од февруари до мај 2015 година забележавме вкупно 20 брака за кои ниту една институција во државата не презеде превентивни или заштитни мерки, а ниту ги регистрира“, велат од Рома - СОС.

Извор: МКД.мк

Анализа за склучени бракови