Порталот http://www.pravodaznaes.org.mk е замислен како збирно место на податоци за сите општини во Република Македонија, вклучувајќи го и градот Скопје. Податоците се распределени во неколку категории чиј број континуирано ќе се зголемува. Но, главната цел на овој портал не е само собирање на податоците и информациите, туку и нивно презентирање на едноставен графички начин што ќе придонесе тие да бидат поразбирливи за корисниците на порталот. За презентирање на податоците е користен слободен софтвер, односо алатките GeoMap и Motion Chart кои овозможуваат презентирање на податоците на два начини – географски и во временски серии.

Кај првиот начин на презентација, дадена е картата на Македонија и корисникот може да избере две категории на податоци според кои сака да направи споредба на општините во РМ. Во зависност од податоците за секоја општина, општините се обојуваат во различни нијанси на една иста боја што дава можност веднаш да се воочат разликите помеѓу нив, како и екстремите, односно општините каде тој податок е во најмал или најголем број.
Во втората опција, граѓаните може да ги споредуваат податоците за категориите во текот на повеќе години. Во оваа опција може да се одберат сите општини во РМ, или да се селектира само еден дел од нив во зависност од интересот на корисникот/ците.

Собирањето на податоците се одвива на два начини – преку испраќање на барања за слободен пристап до информации од јавен карактер до имателите на информации, канцелариско и теренско истражување. При канцелариското истражување главен извор на информации претставуваат официјалните публикации на Државниот завод за статистика. Откако податоците ќе се соберат, се преоѓа кон селекција на оние податоци кои ќе бидат презентирани на порталот. Во селекцијата на податоците за презентирање е вклучен Уредувачки тим составен од експерти, новинари и истакнати личности од општествениот живот кои, секој во својата област на делување, даваат предлози за тоа кои категории на податоци ќе бидат презентирани.

Базата на податоци е предвидено да содржи податоци за општините во РМ распределени во следниве области: транспарентност на општините, вклученост на граѓаните во процесот на креирање политики и донесување одлуки, ефикасност на судовите, демографски, економски и социјални карактеристики на општините и изборни резултати.
Во секоја од овие области постојат повеќе категории со повеќе варијалби кои може да бидат избрани за презентација или споредба. Како што понатаму ќе се надградува базата на податоци, категориите ќе бидат дополнувани со нови податоци, а исто така ќе бидат додавани и нови категории.

Граѓанската асоцијација МОСТ во ниту еден момент не тврди дека посочената методологија е најдобра и единствена. Сепак, ваквиот начин на презентирање на состојбите и податоците треба да придонесе кон поквалитетна дебата во општеството.

Share
Scroll to top