Право да знаеш е проект на Граѓанската Асоцијација МОСТ кој има за цел да ги прикаже промените во Република Македонија преку истражување и споредување на тие промени во единиците на локалната самоуправа (ЕЛС) во текот на одреден временски период. Интернет страната користи демографски, изборни, социо-економски и специфични податоци за единиците на локалната самоуправа, кои се прибрани и прикажани како што е објаснето во Методологијата на прибирање и прикажување на податоците.

Интерактивната мапа овозможува приказ на различните катогории на податоци и нивниот сооднос помеѓу различни ЕЛС. Алатката за графичка визуелизација им овозможува на корисниците да ги видат одделните податоци за секоја ЕЛС со можност да споредуваат различни категории на податоци помеѓу различни ЕЛС, како и да го истражуваат движењето на тие податоци низ одреден временски период. Иако не се совршени, овие информации се официјални и ја креираат сликата за ЕЛС во РМ и претставуваат нов начин на презентирање на состојбите во ЕЛС.

Базата со податоци на порталот Право да знаеш постојано ќе се надградува во континуиран процес на вклучување на нови податоци и информации за случувањата во ЕЛС, од значење за секојдневниот живот на граѓаните.

Со воспоставувањето на моќен он-лајн ресурс кој нуди свеж и уникатен начин на користење на достапните информации ширум општеството, МОСТ има за цел да придонесе кон аргументирана дебата и објективно насочување на јавниот дискурс кон вистинските проблеми на граѓаните. МОСТ смета дека само информирано граѓанство е силно граѓанство, што директно придонесува за активност и вклучување на граѓаните во функционалната демократија.

Проектот финансиски е поддржан од Balkan Trust for Democracy, Амбасадата на Кралството Холандија и Амбасадата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.

Share
Scroll to top